Развојот и елитните, 27.03.2009

Земјите што наспроти отпорите од елитите успеваат да ги реформираат институциите во насока на подобрување на нивниот квалитет, се развиваат побрзо и поуспешно. Економскиот и политички развој зависи од успехот на политичките лидери да се дистанцираат од елитите при креирањето на политиките

 

Најголемиот напредок во анализите на економскиот раст во последниве неколку години е препознавањето на значењето на државните институции и квалитетот на владеењето. Се разбира, економскиот раст зависи од промените на технологијата, капиталот и квалитетот на работната сила, како и политиките во повеќе области како што се бизнис-регулативата, трговијата, јавната инфраструктура, макроекономската стабилност. Но во заднината на овие политики се наоѓа т.н. „политичка економија“, во која интересите на одредени елити се судруваат со оние на остатокот од населението. Резултатот од тој судир зависи од квалитетот на политичкото лидерство и институциите на државата.

 

Елитите може да се дефинираат како групи од индивидуи што делат заедничка политичка и економска моќ и врз таа основа остваруваат контрола врз политиките и економските мерки. Многу групи може да се класифицираат како елити: сопственици на големи компании, големи земјопоседници, бирократи на значајни функции, лидери на стопански комори, синдикални лидери и се разбира политичари. Тие се еден вид „рентиери“ во системот бидејќи ги користат институциите и влијаат врз нив на начин што е најисплатлив за нивните лични интереси, наспроти интересите на мнозинството граѓани. Тоа најчесто подразбира спречување конкуренција и влез на поефикасни субјекти на пазарот, со крајна последица намалена ефикасност и конкурентност на економијата.

 

Редуцирањето на моќта на елитите бара реформи на институциите на системот, што пред се' вклучува развој на демократијата, почитување на законот, заштита на сопственичките права, извршување на облигационите односи, слобода на медиумите, отвореност на трговијата, борба против корупцијата и криминалот, како и одговорност од страна на политичките лидери. Се разбира, елитите со сите средства се борат против промените во институциите кои ги промовираат овие вредности. Токму од исходот од таа вечна борба со елитите, зависи напредокот и развојот на секоја земја. Земјите во кои елитите имаат поголемо влијание врз политичките лидери и институциите, се развиваат побавно. Во некои земји институциите се речиси целосно „заробени“ од елитите. Од друга страна, земјите кои наспроти отпорите од елитите успеваат да ги реформираат институциите во насока на подобрување на нивниот квалитет, се развиваат побрзо и поуспешно. Економскиот и политички развој зависи од успехот на политичките лидери да се дистанцираат од елитите при креирањето на политиките.

 

За попрактично разбирање на улогата на елитите во развојот на една земја, доволно е да го погледнеме примерот на македонската приватизација. Во основа, приватизацијата во сите земји подразбираше носење одлука од страна на владите за четири значајни прашања: а/ брзината на приватизација; б/ редоследот на реформите и активностите, вклучително и приватизацијата; в/ начинот (моделот) на приватизација; и г/ дали да се дозволи влез на странски инвеститори.

 

Македонската влада на СДСМ во 1995-1998, времето кога фактички се спроведе процесот на приватизација и кога беа приватизирани над 95 отсто, од фирмите направи погрешен избор во однос на сите четири прашања. Прво, приватизацијата се спроведе во исклучително краток рок, на масовен и нетранспарентен начин. Тоа не овозможи да се направат добри подготовки и на транспарентен начин, случај по случај, да се реализира тој процес. Второ, приватизацијата се спроведе пред да се реализираат комплементарните реформи за почитување на сопственичките права, зајакнување на конкуренцијата, добро корпоративно управување итн. Трето и многу важно, моделот на приватизација беше убедливо најлошиот од сите можни: приватизација преку инсајдери блиски до власта и елитите или самите дел од некои елити.
Тоа едноставно значеше разграбување на општествениот имот. Се направи само промена на сопственоста, но без промена на организацијата на работење, без овозможување на вистинска конкуренција за да се изнајде најдобриот сопственик и без нов, дополнителен капитал. Следствено, приватизацијата во Македонија се реализираше на начин кој целосно ги избрка странците. Целта на тогашните политичките лидери на земјата не беше да се најде најдобриот инвеститор, туку фирмите да се дадат без пари на членови на елитите со кои делеа и ден-денес делат одредени финансиски и други интереси.

 

Првите две грешки на тогашната политичка гарнитура можат да се анализираат од различен аспект, па дури и да се подведат под погрешен политички избор. Но последните две грешки се дефинитивно намерно направени. Тие се производ на поврзаноста на политичката гарнитура на власт со бизнис и други елити. За да се задоволат интересите на мал круг на луѓе блиски до тогашното (а богами и идното пост-мајско 2009) раководство на СДСМ, беа одбрани решенија кои се на штета на два милиона македонски граѓани. Решенија кои во Македонија не го донесоа она што приватизацијата го донесе во многу источно-европски земји: зголемена продуктивност, нови технологии, влез на свеж капитал, зајакната конкурентност, зголемен извоз, динамичен економски раст, нови вработувања. Наместо тоа, решенијата на СДСМ донесоа две изгубени децении за Македонија. Изгубени за стотици илјади работници кои останаа без работа и без иднина, за стотици илјади млади кои немаа шанса да се вработат, за стотици фирми кои со години се распнати меѓу интересите на стечајните управници и стечајните судии, стотици други фирми кои се' уште не можат да се закрепнат од разграбувањето на имотот и нестручното и недомаќинско работење. Ете тоа е резултатот на спрегата на СДСМ и елитите која ја држеше заробена Македонија изминативе две децении.

 

Што е најлошо, истите политички лидери поддржани од истите елити и ден-денес манипулираат со чувствата и иднината на македонските граѓани. Оние што избркаа на улица стотици илјади луѓе како стечајци, кои ги уништија македонските фирми и ги остварија најлошите економски резултати во Европа додека другите лидери ги внесоа своите земји во таа иста Европа, денес зборуваат за стечајци, за земјоделци, за сиромаштија. Па кој ги прокоцка двете златни децении на македонската транзиција?И без срам повторно ја бараат власта. Сака ли некој да ја изгуби и следната деценија?
Зоран Ставрески