Децентрализација, 13.03.2009

Следните чекори кон децентрализација мора да бидат во насока на натамошно зајакнување на функционалноста и финансиската независност на општините.Во тие рамки, преносот на надлежностите околу управувањето со градежното земјиште е еден од клучните чекори што мора да се спроведе, по можност од почетокот на 2010 година

Претстојните локални избори уште еднаш го потенцираат значењето на процесот на децентрализација, сфатена како трансфер на одговорноста за планирање, управување и прибирање на ресурсите од централно на локално ниво. Иако како концепт е позната од поодамна, децентрализацијата зеде замав во осумдесеттите години од дваесеттиот век. Роберт Ебел вели: „Западниот свет на децентрализацијата гледа како на алтернативен начин да се извршуваат јавните услуги поекономично и поефикасно. Земјите во развој спроведуваат децентрализација за да се справат со економските неефикасности, макроекономската нестабилност и неефикасното управување. Посткомунистичките земји во транзиција тргнуваат по патот на децентрализицијата како природен чекор во преминот кон пазарна економија и демократија“.

Во основа постојат три форми на процесот на децентрализација: политичка, административна и фискална. Политичката децентрализација се однесува на давање поголема моќ за одлучување на граѓаните на локално ниво и нивните избрани претставници. Таа се поврзува со политичкиот плурализам, поточно со репрезентативниот модел на владеење, а се реализира преку избрани форми на локална власт, како што се општинските совети и градоначалниците. Целта е да се зајакне демократијата на тој начин што ќе им се даде на граѓаните и на нивните избрани претставници повеќе моќ во одлучувањето, формулирањето и имплементирањето на политиките на локално ниво. Со право се смета дека одлуките за локалните прашања донесени од локалното население ќе бидат поквалитетни и покорисни отколку оние донесени на централно ниво. Тоа подразбира дека изборот на политички претставници од локалната конституенца им овозможува на граѓаните подобро да ги познаваат нивните репрезенти, а на избраните претставници подобро да ги знаат потребите на своите избирачи. Административната децентрализација, пак, опфаќа трансфер на оперативната надлежност во планирањето, финансирањето и управувањето со јавните функции на локално ниво.

Фискалната децентрализација е најсеопфатната и секако највидливата форма на децентрализација, бидејќи е директно поврзана со релокација на ресурсите од централно на локално ниво на власт. За да се спроведе децентрализацијата ефективно, локалната власт мора да располага со адекватно ниво на приходи, без разлика дали ќе се собираат локално или ќе се трансферираат од централното ниво, како и да има надлежност да одлучува за расходите. Притоа, се води сметка за неколку фактори како што се регионалната еднаквост, расположливост на ресурсите и капацитетот за фискално управување на локалната власт.

Иако децентрализацијата е позитивен процес, таа не е без потенцијални негативности. Децентрализацијата може да доведе до губење на економијата на обем во обезбедувањето на некои услуги, или до губење на контролата врз скудните финансиски ресурси. Слабиот административен капацитет на локално ниво може да резултира во понеефикасно обезбедување на јавните услуги. Исто така, децентрализацијата некогаш може да ја отежне координацијата на националните политики или да доведе до злоупотреба на надлежностите од локалните елити.

Македонија веќе неколку години успешно го спроведува процесот на децентрализација. Освен пренос на политичката власт на локално ниво, тој опфати пренос на надлежности во областа на локалниот економски развој, образованието, урбанистичко планирање, комуналните дејности, социјалната заштита, културата и други области. Децентрализацијата почна во јуни 2005 година и се одвива фазно. Заклучно со крајот на 2008 година, 68 општини и Градот Скопје влегоа во втората фаза на фискалната децентрализација, која подразбира исполнување одредени услови, пред се' од аспект на квалитетот и капацитетот за управување со финансиските ресурси.

Во меѓувреме, Владата презеде повеќе чекори за финансиско консолидирање на општините: наменските дотации за образование за 2007 се зголемени за 30отсто, а во 2008 за дополнителни 30отсто, капиталните дотации се значително зголемени, а со посебни закони обезбедени се значителни извори на приходи за општините (данок на имот, приходи од концесии, надоместок за производство на енергија од фосилни горива, приходи од отуѓување и закуп на градежно земјиште). За општините што имаат блокирани сметки, подготвен е план за намирување на ненамирените обврски и нивно што побрзо вклучување во втората фаза.

Следните чекори во процесот на децентрализација мора да бидат во насока на натамошно зајакнување на функционалноста и финансиската независност на општините. Во тие рамки, преносот на надлежностите околу управувањето со градежното земјиште е еден од клучните чекори кој мора да се спроведе што побрзо, по можност од почетокот на 2010 година. Тоа ќе доведе до поголема мотивираност на локалната власт за изработка на урбанистички планови за користење на земјиштето за изградба на индустриски капацитети, станбени и деловни објекти, образовни и спортски објекти итн. Вториот значаен чекор треба да биде зголемување на средствата за локалната власт, односно релоцирање на дел од приходите што сега се слеваат во централниот буџет. Овие две мерки, заедно со јакнењето на човечкиот капацитет на локално ниво, се клучни за ефикасно работење на општините во иднина, а со тоа и подобрување на квалитетот на животот на граѓаните.