Обраќање на ЗПВРМ Ставрески по повод основањето на Словенечко – Македонски деловен клуб, 22.06.2009

Почитуван министер за развој и европски работи на Република Словенија г. Митја Гаспари,

Почитуван Амбасадор на Република Македонија во Република Словенија г. Филиповски,

Почитуван г. Бохорич, почесен конзул на Република Македонија во Република Словенија,

Почитуван г. Павчек, претседател на Стопанската комора на Словенија,

Почитувани бизнисмени,

 

Ми претставува посебно задоволство што денес присуствувам на отворањето на Словенечко – Македонскиот деловен клуб, проект што наиде на голема поддршка од владите на Република Македонија и Република Словенија, како и од стопанските комори на двете земји.

Идејата за основање на овој бизнис клуб ја промовираа премиерите на Република Македонија и Република Словенија при нивната средба во јануари оваа година, така што денешниот настан е потврда за успешната и брза реализација на иницијативата.

На почетокот, од името на Владата на Република Македонија, би сакал да се заблагодарам за силната поддршка што Република Словенија и  ја дава на Република Македонија, како во активностите за европска интеграција на земјата, така и во продлабочување на економската соработка во регионот.

Интегрирањето на Република Македонија во Европската унија и добивањето на либерализација на визниот режим се клучни стратешки приоритети на Владата на Република Македонија. Република Словенија, како и досега, така и понатаму ќе остане стратешки партнер на Македонија во остварувањето на овие цели.

Добрите политички односи помагаат исти такви односи да се градат и на економско ниво, како помеѓу стопанските комори и нивните членки, така и помеѓу владите на двете земји, за што потврда е и денешниот настан.

Словенечките инвестиции во Македонија беа најголеми во 2007 година, со износ од околу 166 милиони евра, со што Словенија го зазеде шестото место во вкупните странски инвестиции.

На македонскиот пазар присутни се реномирани словенечки компании: Телеком Словенија кој оваа година преку својот партнер On net вложи 190 милиони евра во Cosmofon; групацијата на НЛБ која оваа година отвори бизнис центар во Скопје во вредност од 30 милиони евра; понатаму инвестициите на Триглав, Сава Ре, Туш груп, ЕРА груп, Фруктал, Дрога Колинска, Рико, Потеза, Публикум, Метеорит, Виатор, Вектор, Унитех и многу други компании од Словенија.

 

Убеден сум дека функционирањето на Словенечко - Македонскиот бизнис клуб несомнено ќе придонесе во продлабочување на соработката помеѓу стопанствениците од двете земји. Во него ќе членуваат истакнати бизнисмени, кои како основачи на клубот ќе работат на интензивирање на бизнис контактите. Клубот ќе овозможи иницирање на средби, договарање на заеднички проекти, промовирање на нови компании и производи, но и на инвестициските поволности што ги нудат Македонија и Словенија, како и информирање за различни настани и иницијативи од интерес на фирмите. Воедно, за македонските бизнисмени, деловниот клуб претставува дополнителна можност преку своите словенечки партнери да се пласираат не само на словенечкиот, туку и на европскиот пазар и пошироко.

 

Со досегашното дејствување, Владата на Република Македонија покажа дека е бизнис ориентирана и цврсто определена кон унапредување на условите за водење бизнис. Во таа насока, би сакал да набројам само дел од економските реформи на Владата.

 

Во областа на даночната политика воведовме ниски и рамни даноци од 10%, ја ослободивме од оданочување задржаната добивка која не се распределува во дивиденда, етапно ги намалуваме стапките на социјалните придонеси за 1/3, со Регулаторната гилотина ја поедноставивме регулативата, воведовме едношалтерски систем во царината и даночната администрација, ја зголемивме флексибилноста на пазарот на труд, воведовме посебни погодности во слободните економски зони, спроведовме реформи во финансискиот сектор, образованието и земјоделството и ги зголемивме инвестициите во инфраструктурата и енергетиката. За постигнатите резултати, Македонија веќе две години по ред се вбројува во топ реформаторите согласно реномираниот “Doing Business” Извештај на Светска Банка.

 

Владата на Република Македонија верува дека вложувањата во човечкиот капитал се најзначајната инвестиција на една земја и затоа ќе продолжиме со имплементација на низа реформи за осовременување на образовниот систем. Воведовме задолжително средно образование, задолжително изучување на англискиот јазик од прво одделение, целосна компјутеризација на основните и средните училишта, зголемени квоти за упис на техничките факултети, отворање нов државен Универзитет за информатичко општество и серија други реформски мерки.

Сепак, негативните последици од глобалната економска криза имаат свое влијание врз стопанствата на двете земји. Несомнено, светската криза влијае на реалниот сектор и придонесе за намалување на економскиот раст, извозот и инвестициите. Во овие околности, за разлика од другите земји кои заговараат протекционизам, ние сметаме и веруваме дека единствениот излез од кризата е интензивирање на соработката меѓу земјите, како на меѓувладино ниво, така и на ниво на претпријатијата и стопанските комори.

Во тие рамки, Словенечко - Македонскиот бизнис клуб дава одлична можност за надминување на предизвиците што ги постави економската криза и ја заслужува нашата силна поддршка.

Убеден сум дека компаниите од Република Словенија ќе имаат добри партнери во македонските компании, и дека освен виното, ќе се уверат и во квалитетот на македонските градежни и информатички компании, компаниите од фармацевтската индустрија итн. Исто така, убеден сум дека луѓето како Амбасадорот на Република Македонија во Република Словенија г.Филиповски, амбасадорот Шифтар, почесниот конзул на Република Македонија г.Бохорич и сите членки на деловен клуб ќе успеат од клубот да направат ефикасна институција за посредување меѓу компаниите од двете земји и за успешна деловна соработка.

Ви благодарам и посакувам успешна работа на Словенечко – Македонскиот бизнис клуб.