Обраќање на ЗПВРМ Ставрески на втората седница на Управниот комитет на Проектот „Поддршка во подготовката на НСОР“, 11.06.2009

Почитувани  членови  на управниот комитет,
Почитувани претставници на Амбасадата на Кралството Шведска и Шведската Агенција

за меѓународна соработка и развој,
Почитувани колеги и драги гости,

 

Како претседател на Управниот комитет на Проектот “Поддршка во подготовка на Национална стратегија за одржлив развој за Република Македонија”, би сакал да ве поздравам и да Ви посакам добредојде на денешната седница.

Овој Проект се имплементира од почетокот на 2006 година со поддршка на Амбасадата на Кралството Шведска и на Шведската Агенција за меѓународна соработка и развој, при што до крајот на овој месец очекуваме да заврши проектот и да се презентира во јавноста.

Ја користам оваа прилика накратко да се осврнам на  значењето на одржливиот развој, како и на главниот резултат од овој проект, а тоа е Националната стратегија за одржлив развој.

Одржливиот развој во Националната Стратегија се дефинира како долгорочен, сеопфатен и синергетски процес кој има влијание на сите аспекти на општеството. Стратегијата е ориентирана кон изработка на модел кој на квалитетен начин ќе ги задоволи општествено - економските потреби и интересите на сите граѓани. Воедно, Стратегијата е насочена и кон елиминирање или значајно намалување на негативните влијанија врз човекот, животната средина и природните ресурси.

Долгорочниот концепт на одржлив развој подразбира постојан економски раст, кој освен економска ефикасност и технолошки напредок, вклучува и поголема примена на т.н. чисти технологии, иновативност, општествено одговорно работење, намалување на невработеноста и сиромаштијата и ефикасна алокација на ресурсите. Посебно внимание се посветува на унапредувањето на здравствените услови и квалитетот на животот, како и на намалувањето на загадувањето и зачувување на биолошката разновидност.

Националната Стратегија цели кон воспоставување на рамнотежа на трите столба на одржлив развој и нивно спојување во една институционална рамка: одржлив економски раст и технолошки развој, одржлив развој на општеството преку постигнување на социјална рамнотежа и заштита на животната средина преку рационално располагање со природните ресурси.

Со изработката на Националната Стратегија за одржлив развој, Владата  демонстрира целосна посветеност кон Стратегијата за Одржлив развој на Европската Унија, но истовремено, преку неа, Македонија се приклучува кон глобалните текови за одржлив развој.

Слободно може да констатираме дека Национална стратегија за одржлив развој во Република Македонија ги следи светските текови на одржлив развој и ги има опфатено главните цели и задачи во “Планот за имплементација од Јоханесбург” 2002 година, Одлуката на Советот за принципите, приоритетите и условите, содржани во Европското Партнерство со Република Македонија од 2004, како и Стратегијата на Република Македонија за интеграција во Европската Унија.

На крајот би сакал да завршам со мотото на Стратегијата за одржлив развој на Европската Унија, во кое може да се препознае суштината на одржливиот развој: “Ние не ја наследивме Земјата од нашите предци, туку ја позајмуваме од нашите деца”.

Се надевам дека ќе успееме да ја пренесеме оваа порака и ќе ги поттикнеме сите засегнати страни активно да се вклучат во имплементацијата на Стратегијата, за доброто на идните генерации. На Управниот комитет и на самиот Проект им посакувам успешна работа, која ќе резултира со придобивки за сите граѓани на Република Македонија.

 

Ви благодарам на вниманието.