Обраќање на ЗПВРМ Зоран Ставрески на Бизнис форумот меѓу македонските и украинските бизнисмени, Охрид, 29.05.2009

Почитуван г. Валериј Пјатницкиј, заменик министер за економија на Украина,
Почитуван г. Виталиј Москаленко, амбасадор на Украина во Република Македонија,

Почитуван Амбасадоре Исајловски,
Почитувани претставници на Владата на Република Македонија,
Почитувани стопанственици,
Драги гости,

 

Од името на Владата на Република Македонија Ви посакувам добредојде и Ви благодарам за искажаниот интерес за денешниот Бизнис форум. Посебно задоволство ми претставува што покрај официјалната Украинска делегација, денес во Охрид се присутни и голем број македонски и украински стопанственици.

На подготовките за Мешовитата меѓувладина комисија за економско-трговска соработка и Бизнис форумот што се одржаа во Киев во февруари оваа година, се согласивме дека најдобар и најефикасен начин за интензивирање на економската соработка меѓу Македонија и Украина е преку поддршка на активностите на стопанските комори и директно поврзување на стопанствениците од двете земји. Затоа, денешниот настан го гледам како извонредна можност за продлабочување на веќе воспоставените контакти во Киев и започнување со реализација на конкретни бизнис проекти.

Владата на Република Македонија континуирано работи на подобрување на бизнис климата и условите за работа, подеднакво за домашните и странските фирми. Наша цел е економски раст, развој на приватниот сектор, привлекување инвестиции и отворање нови работни места.

Република Македонија има долгогодишна макроекономска стабилност со ниска инфлација која во просек изнесува 2% во последните 10 години; избалансирани јавни финансии со низок буџетски дефицит; стабилен девизен курс и низок јавен долг (28,2% од БДП). Последните две години беа најуспешни на економски план. Растот на бруто домашниот производ во 2007 година достигна 5.9%. Добрите резултати продолжија и во првите три квартали од 2008 година, кога БДП достигна раст од 5,6%. Сепак влијанието на глобалната економска криза се почувствува во последните месеци од 2008 година, при што растот на БДП се сведе на 5%.

Во изминатите три години спроведовме низа реформи во делот на пазарот на труд, како и активни мерки за вработување, со што невработеноста ја намаливме за околу 4%.

Странските директни инвестиции во 2007 година изнесуваа 506 милиони евра, што е трипати повеќе од просекот во претходните години. Заедно со инвестициите за 2008 година, тие изнесуваат скоро 1 милијарда евра. 

 

Порастот на БДП и странските директни инвестиции се резултат и потврда на сеопфатните реформи за подобрување на вкупната бизнис клима. Во делот на даночната политика воведовме ниски и рамни даноци од 10%, ја ослободивме од оданочување задржаната добивка која не се распределува во дивиденда, етапно ги намалуваме социјалните придонеси за 1/3, со Регулаторната гилотина ја поедноставивме регулативата, воведовме едношалтерски систем во царината и даночната администрација, ја зголемивме флексибилноста на пазарот на труд, воведовме посебни погодности во слободните економски зони, спроведовме реформи во финансискиот сектор, образованието и земјоделството, ги зголемивме инвестициите во инфраструктурата и енергетиката. За постигнатите резултати, Македонија се вброи во топ реформаторите согласно реномираниот “Doing Business” Извештај на Светска Банка.

 

Дозволете ми накратко да се осврнам на соработката помеѓу Македонија и Украина. Политичките односи се на мошне високо ниво, додека економската соработка има потенцијал за продлабочување поради комплементарноста на стопанската структура на двете земји. Украина во 2008 година се вброи меѓу нашите најголеми трговски партнери со вкупно ниво на трговска размена од 206 милиони долари, додека во првиот квартал од 2009 година Украина веќе не е меѓу 20-те земји со кои Македонија остварува најголем обем на размена. Вкупната трговска размена за овој период од годината изнесува 16.9 милиони долари, односно само 1% од вкупната надворешно трговска размена на Македонија. Сепак, извозот за првите три месеци од 2009 година е зголемен за 31% во однос на истиот период од 2008 година и опфаќа поширок асортиман на производи: фероманган, феросиликоманган, тутун и свеж зеленчук.

Бројките јасно укажуваат на неискористен извозен потенцијал, посебно во земјоделството и секторите кои имаат компаративна предност: раноградинарското и овоштарското производство, производството на јагнешко месо, козјо и овчо млеко и месо и производството на грозје и вино.

Владата во изминатите три години посвети големо внимание на развојот на земјоделството. Во 2008 година пласирани се 45 милиони евра директна финансиска поддршка за земјоделците, додека оваа година, земјоделскиот сектор полесно ќе ја преброди глобалната економска криза со 70 –те милиони евра што ќе можат да се искористат за зголемување на сточниот фонд, обработливите површини и преработувачките капацитети. Субвенциите во земјоделството ќе продолжат со зголемен интензитет и во наредните години, односно: за 2010 година предвидени се 100 милиони евра, за 2011 година 115 милиони евра и за 2012 година 130 милиони евра.

Во насока на олеснување на пласманот на земјоделските производи, Владата работи на формирање на мрежи на откупно дистрибутивни центри по принципот на јавно приватно партнерство. Планирана е изградба на 10 откупно дистрибутивни центри, за 8 се распишани тендери за изнаоѓање странски партнери, а два се во фаза на реализација со реномирани компании од Хрватска и Израел. Владата учествува како партнер во овие проекти преку обезбедување на државно земјиште и инфраструктура.

 

Дополнително, во тек е акредитација на системите за користење на средствата од ЕУ фондовите за земјоделство и рурален развој. Кон крајот на годината, сите домашни и странски фирми кои инвестирале во примарно производство и преработувачки капацитети, ќе можат да повратат 50% од вкупната вредност на инвестицијата, што претставува значаен стимул за зголемување на земјоделското производство.

Врз основа на подобрената бизнис клима и активностите за промоција на Македонија како бизнис дестинација, успеавме да привлечеме познати странски компании во слободната економска зона во Скопје. Воедно, работиме на отворање на уште 4-5 други слободни економски зони и даваме активна поддршка на општините за изградба на индустриски зони и технолошки паркови. Технолошко индустриските развојни зони нудат низа поволности: ослободување од данок на добивка за  10 години; 50 процентно ослободување на персоналниот данок во првите пет години од работењето; даночно ослободување на реинвестираната добивка и ослободување од административни такси и данок на имот. Земјиштето се дава под закуп под поволни услови за период до 99 години и обезбедени се инфраструктурни погодности како што е бесплатно приклучување до гас, електрична енергија и комунално поврзување.

 

Би сакал да потенцирам дека преку Договорите за слободна трговија, Македонија има слободен пристап до пазар од 650 милиони потрошувачи во ЕУ и регионот. Ова е сериозна предност која украинските инвеститори можат да ја искористат.

Несомнено, глобалната економска криза има негативно влијание врз реалниот сектор во Република Македонија и инвестициите, како што впрочем со истите проблеми се соочува и Украина. Владата донесе 3 пакети на антикризни мерки: 220 милиони евра за подобрување на ликвидноста на претпријатијата, даночни олеснувања, намалување на царините и социјалните придонеси, инвестиции во инфраструктурни проекти во наредните 7 години во вкупен износ од 8 милијарди евра, како и буџетски заштеди и кредити за малите и средни претпријатија во износ од 100 милиони евра преку Европската Инвестициона Банка. Во услови на економска криза, покрај мерките што ги преземаат Владите, неопходно е интензивирање на соработката помеѓу земјите, како на меѓувладино ниво, така и на ниво на стопански комори и компании.

 

Верувам, овој бизнис форум ќе вроди со плод и конкретни зделки, во интерес на двете земји, а пред се во интерес на македонските и украинските бизнисмени.

Македонија е отворена за украинските инвестиции.

Ви посакувам успешна работа.

Ви благодарам.