Управа за финансиска полиција

Управата за финансиска полиција е орган во состав на Министерството за финансии на Република Македонија со својство на правно лице, формирана на 26 јуни 2003 година согласно Законот за финансиска полиција.

Контакт

Кеј Димитар Влахов 4/4
1000 Скопје,
Република Македонија
тел/факс. 02/ 3231578
е-пошта: financial.police@finpol.gov.mk

Управата за финансиска полиција е орган со посебни овластувања согласно Законот за кривична постапка кој се грижи за доследна примена на прописите, особено од областа на финансиското, даночното и царинското работење. Со новиот закон прецизно се уредија надлежностите и овластувањата на Управата за финансиска полиција при откривањето и гонење на сложени појавни форми на организиран финансиски криминал во Република Македонија.

Управата ги има следните надлежности:

  • спроведува финансиска контрола, ја следи примената на даночните, царинските и други прописи од областа на финансиите, прибира и анализира податоци за готовински трансакции, презема предистражни и други мерки кога постојат основи на сомнение за сторени кривични дела од областа на организиран финансиски криминал; спроведува предистражна постапка за кривични дела од областа на организиран финансиски криминал кои се гонат по службена должност и ја следи трагата на парите од казниви дела утврдени со закон што вклучуваат значителни и износи од големи размери;
  • открива и документира кривични дела, пред се од областа на организираниот финансиски криминал и кривични дела коишто се гонат по службена должност, како што се даночно затајување, перење пари и други приноси од казниво дело, даночни, банкарски, осигурителни, берзански, царински и други измами со износи од значителни и големи размери, тешки форми на корупција, како што се злоупотреба на службената положба и овластување од значителни износи или на штета на средствата на Буџетот на Република Македонија, примање поткуп и давање поткуп, како и предизвикување на лажни стечаи, фалсификување и уништување на деловни книги, фалсификување исправи, финансирање на тероризмот, неплаќање на царина, акцизи или други јавни давачки пропишани со закон, што вклучуваат поголеми, значителни и износи од големи размери;
  • спроведува постапка за испитување на имот и имотна состојба врз основа на јавни податоци и регистри што се водат согласно со закон;
  • спроведува предистражни мерки да се откријат и обезбедат трагите на кривичното дело и предметите што можат да послужат како доказ, да се пронајде сторителот на кривичното дело, сторителот или соучесникот да не се сокрие или да не побегне, како и да ги соберат сите известувања што би можеле да бидат од корист за успешно водење на кривичната постапка;
  • поднесува кривична пријава до надлежниот јавен обвинител за кривични дела од нејзина надлежност, кои се гонат по службена должност, за кои е известена или за кои ќе дознае на друг начин;
  • поведува и води прекршочна постапка, како и поднесува иницијативи за поведување на прекршочна постапка до надлежните органи, доколку при извршување на своите надлежности утврди постоење на прекршочна одговорност пропишана со закон;
  • поднесува иницијатива за поведување постапка за утврдување и наплата на јавните давачки пред надлежниот орган;
  • врши експертска компјутерска анализа на одземени предмети, компјутерски информации или податоци од други електронски и механички направи кои содржат информации и кои можат да послужат како доказ во водењето на предистражната и прекршочната постапка од нејзина надлежност;
  • организира и спроведува обуки, проверка на знаење на финансиските полицајци и врши управување со човечките ресурси;
  • по барање на други државни органи и институции изготвува и дава стручни наоди и мислења од нејзина надлежност;
  • соработува со сродни органи од други земји во согласност со билатерални договори и ратификувани меѓународни договори и
  • врши други надлежности пропишани со овој и друг закон.

Со цел развој на капацитетите на Управата за финансиска полиција, а согласно со Уставот и законите на Република Македонија, како и со ратификуваните меѓународни договори во областа на кривичната постапка, континуирано се имплементираат најдобрите практики кои органите на прогон ги применуваат во земјите на Европска унија.

Во Стратешкиот план за 2009 - 2011 година на Управата за финансиска полиција се содржани проектите и програмите во кои се дадени идните мерки и активности што ќе ги презема Управата за финансиска полиција, а со кои се става акцент на продолжување на реформите на казненото законодавство, особено во сферата на превенцијата и репресијата на финансискиот организиран криминал и корупцијата.