Тевдовски: Активно работиме на поврзување домашни и странски фирми

 
00:00

16 октомври 2017, Скопје - Транспарентниот и чесен пристап на Владата, како и приближувањето кон НАТО ќе донесе дополнителни странски инвестиции во земјава. Активно се работи на проект за поврзување домашни и странски компании од автомобилската индустрија, со што ќе се обезбеди повеќе работа и за домашните фирми. Ова во интервју за Гласот на Америка го истакна министерот за финансии Драган Тевдовски, кој учествува на Годишните средби на ММФ и Светска банка во Вашингтон.

Тевдовски во интервјуто зборува и за проекциите за економски раст, за позицијата на Македонија како мала и отворена економија и за предизвиците што ја очекуваат.

ВОА: Како ги оценувате последните најави на директорката на ММФ Лагард дека следи ново поглавје во светската економија, глобалниот раст се проценува на 3,6 отсто?

ДТ: Тоа што го слушнавме од директорката на ММФ зрачи со оптимизам. Тоа е добро бидејќи изминативе години очекувањата беа попесимистички, се зборуваше за попроблематични сценарија. За Македонија ова е многу важно бидејќи ние сме мала и отворена економија, која е зависна од она што се случува надвор. На пример, 70 отсто од нашиот извоз оди во Европската Унија, 47% во Германија, така што тоа е она што е важно за Македонија и значи дека Македонија ќе има шанси да го зголемува својот економски раст, ако случувањата на светско ниво се позитивни и добри.

ВОА: Растот на македонската економија се предвидува на 2,5% според последните извештаи на Светска банка и ММФ, реални ли се ваквите прогнози?

ДТ: Министерството за финансии годинава имаше најконзервативна проекција на економски раст во споредба со релевантните институции како ММФ, додека за догодина тие се совпаѓаат, односно се проектира раст повисок од 3 отсто. Очекувањата се дека македонската економија ќе закрепне и ќе почне да се движи напред. Ние во моментов сме силно посветени на реформите, а приоритет на Владата се и евроатлантските интеграции. Сметаме дека тие на среден рок ќе го интензивираат растот, а понатаму ќе може да се обезбеди и повисок раст. Политичката нестабилност влијаеше на забавување на економскиот раст, но со формирањето на Владата имаме политичка стабилизација на состојбата, гледаме дека има стабилизација на инвестициската активност. На меѓународните пазари, оние три издадени еврообврзници што котираат таму имаат историски најниски приноси, односно најдобро се вреднувани досега. Пазарите се оние што најдобро ги вреднуваат перспективите на македонската економија и стабилизацијата на политичките состојби.

ВОА: ММФ очекува инфлацијата во Македонија да се одржи на 1,7 отсто. Слична проекција имаат и за следната година. Кој е Вашиот коментар?

ДТ: Проекциите за инфлацијата се реални. Таа проекција ја прави Народна банка. На пленарната седница, извршниот директор на ММФ Кристин Лагард посочи дека трите приоритети за ММФ се намалување на нееднаквоста, борба против сиромаштијата и развој на човечкиот капитал – инвестиции во образованието, здравството и пристапноста на пазарот на работна сила. Тоа се приоритети и на Владата на Република Македонија. Имаме јасна поврзаност со овие политики на глобално ниво.

ВОА: И покрај сите најави на сите претходни македонски влади за странски инвестиции, тие отсуствуваат. Дали има начин да се забрзаат странските инвестиции, сега кога политичката криза е зад Македонија?

ДТ: Политичката криза, нестабилноста и неизвесноста секако дека влијаат на инвестициите. Нашиот пристап е да имаме транспарентен однос со инвеститорите, да поставиме чист терен за игра, инвеститорите ќе знаат точно со што се соочуваат. Нема да има никаков простор за работи на страна, корупција или слично. Тоа е добро и ќе донесе дополнителни странски инвестиции. Исто така многу важно, и што е наш приоритет, е да работиме на поврзување на домашните компании со странските инвеститори, тоа сериозно отсуствуваше изминатите години. Во моментов, преку проект на ИФЦ се работи на поврзување на домашните компании од автомобилската дејност со странски компании. Тоа е сериозен чекор напред кој ќе има мултипликативен ефект што кај нас во Македонија отсуствуваше. Секако дека кога се зборува за странски инвестиции, приближувањето кон НАТО е најбитен сигнал за безбедноста на земјата. Мислам дека тоа е многу важно и дека ќе донесе дополнителни странски инвестиции.

ВОА: Кој е најголем предизвик за македонската монетарна слика следниве 12 месеци?

ДТ: Ја насочуваме земјата во една позитивна насока. Како што реков, како една мала и отворена економија најголемите ризици се поврзани со нашите трговски партнери. Добро е што и од релевантни институции како ММФ и Светска банка слушаме дека таму ќе има закрепнување на активноста и верувам дека следната година ќе биде добра година за македонската економија.